На ден 13.12.2022 год. во конгресната сала на хотел Романтик во Велес се одржа редовното годишно собрание на СФМ, на кое на наше големо задоволство земаа учество скоро сите капитени на клубовите на ПМФЛ придружувани од нивни колеги сите членови на СФМ. На дневен ред беа адресирани повеќе теми, секако со акцент на тековните проблеми кои што ги имаат фудбалерите во Македонија па и пошироко, како густиот распоред на натпревари, условите на терените како и во соблекувалните, нередовните исплати на плати, проблемите со анeкс договорите и други теми кои секако се неизбежен дел од фудбалското секојдневие. На наше големо задоволство би сакале да истакнеме дека како нови членови во Извршниот одбор на СФМ беа избрани поранешната репрезентативка на Македонија Валерија Ваљак Неделковска,и поранешниот репрезентативец а сега капитен на Фк Работнички Крсте Велковски, како и репрезентативецот Даниел Мојсов во Надзорниот одбор на СФМ. Исто така би сакале да истакнеме дека Валерија Ваљак Неделковска беше избрана и за Потпретседател на СФМ по предлог на членовите на Извршен одбор, предлог кој беше едногласно усвоен од сите присутни делегати. Горди сме што токму во Македонија за првпат на овие простори е избрана претставничка од женскиот фудбал како Потпретседател во фудбалски синдикат кој воедно е и полноправен член на ФИФПРО. Им честитаме на сите на изборот, и се надеваме на успешна и плодна соработка во иднина.